План за квалитет на воздух
Во процесот на подобрувањето на квалитетот на воздухот значајна е улога на ЕЛС, бидејќи согласно законските прописи истите се задолжени да подготвуваат планови за квалитет на воздух во кои се дефинираат мерки за подобрување и заштита на квалитетот на воздухот.
Согласно Законот за квалитет на амбиентен воздух општините во кои биле констатирани надминувања односно каде што нивоата на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух ги надминуваат граничните или целните вредности, како и општините кои имаат повеќе од 35.000 жители имаат обврска да подготват План за квалитет на воздух. Градоначалниците на општините се обврзани да го организираат изготвувањето, спроведувањето и следењето на плановите за квалитет на воздухот и мора да известуваат за степенот на реализација на планот за квалитет на воздухот до Министерството за животна средина и просторно планирање. Законот, исто така, препорачува општините да соработуваат со соседните општини кога изготвуваат планови за подобрување на нивната ефикасност.
Плановите за квалитет на воздух се изработуваат согласно Правилник за деталната содржина и начинот на подготвување на планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух
Упатството за подготовка на План за квалитет на воздух го опишува методот за изработка на планот чекор по чекор, ги дефинира одговорните институции, начинот на добивање и обработка на податоците, начинот на дефинирање на мерките, начинот на донесувањето на планот и следење на спроведувањето на мерките дефинирани во планот. Упатството, исто така, содржи и прашалници кои можат да се употребат за собирање на податоци од различни институции како и методологијата за процена на емисиите во случаите каде што не се достапни мерења на емисиите.
Досега донесените Планови од страна на ЕЛС се достапни на следниот линк Локални/Планови за квалитет на воздух. Истите можат да послужат како пример во изработката или ажурирањето на Плановите за квалитет на воздух од страна на ЕЛС.
Краткорочни акциони планови
Согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, општините каде што постои ризик нивоата на загадувачки супстанции да надминат еден или повеќе од праговите за алармирање имаат обврска да изработат краткорочен акциски план. Краткорочните акциони планови содржат краткорочни мерки насочени кон намалување на загадувањето, при што одредени активности што придонесуваат за такви услови можат да бидат ограничени или суспендирани, вклучително и мерки за ограничување или суспендирање на сообраќајот, редуцирање на индустриски активностите и препораки за граѓаните во насока на заштита на нивното здравје. Општините кои се идентификувани во Листата изготвена од страна на МЖСПП, односно каде име ризик од надминување на прагови за алармирање потребно да имаат подготвено Краткорочен акциски план, кој се спроведува во услови на епизоди со алармантно загадување, односно при надминување на дефинираните прагови на алармирање.
Во однос на мерките што треба да се преземат кога има надминување на прагот, градоначалникот на Општината и Градот Скопје, во соработка со органот на јавната управа надлежен за јавното здравје и надлежниот Центар за информации и предупредување, задолжително и континуирано ја информираат засегнатата јавност за состојбата, како и за мерките што треба да се преземат.
Досега единствено градот Скопје има краткорочен акционен план. Во тек е иницијатива за изработка на краткорочни планови од страна на поголемите општини, земајќи ги предвид последните измени на Законот за квалитет на амабинетен воздух.