Дизајнирањето на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух започна во 1997 со Проектот: „Студија за Мониторинг систем за квалитетот на воздухот во Република Македонија“, реализиран преку JICA (Јапонската Агенција за Меѓународна соработка), како донатор на целиот грант во висина од 2.7 милиони американски долари.
Студијата ја опфати територијата на државата и се направи детален план за воспоставување на мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух.
Врз основа на планот за воспоставување на мониторинг системот за квалитет на амбиентен воздух на територијата на Република Македонија, комплетирањето на ДАМСКАВ се изведува во повеќе фази и тоа:
1998 година
2002 година
Во декември 2002 година беа поставени три мониторинг станици и тоа по една во Кочани, Куманово и Кичево и 3 високо волуменски семплери за мерење на суспендирани честички со големина до десет микрометри. Исто така беше променет софтверот во централната станица, во која секој час пристигнуваат податоците од сите станици преку телефонска модемска врска. Оваа опрема беше донација на Европската Унија во висина од 350.000 евра во склоп на програмата PHARE COP '99.
2004 година
Во мај 2004 година беа добиени уште 6 мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух, една мобилна станица и една станица за следење на загадувањето од сообраќајот. Овие станици беа поставени по 2 во Велес и Битола и по една во Тетово и с.Лазарополе како рурална позадинска станица.
2005 година
Во април 2005 година, мобилната станица беше поставена во Кавадарци, додека станицата Ректорат за следење на загадувањето од сообраќајот беше поставена во Скопје, во дворот на ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, спроти Судска палата. Во склоп на оваа донација добиени се и 6 ниско и 1 високо волуменски семплери за мерење на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, теренско возило за одржување на системот, комплетна калибрациона лабораторија која е сместена во рамките на Централната Лабораторија за животна средина, резервен сет анализатори и две дигитални ваги со прецизност од 10-4 и 10-6. Воедно беа променети сите анализатори во Скопските станици со што практично истите беа комплетно репарирани и унифицирани со останатата опрема од станиците низ Република Македонија. Донација изнесуваше 1.1 милиони ЕВРА од Програмата CARDS 2001.
2008 година
Согласно Меморандумот за соработка потпишан на ден 25.11.2008 година меѓу МЖСПП, Општината Илинден и Координативното тело од населените места околу рафинеријата ОКТА и заради исполнување на обврската која ја превзема МЖСПП по итна постапка изврши дислокација на 2 мониторинг станици од ДАМСКАВ. Имено, стручниот тим при Министерството за животна средина и просторно планирање одлучи привремено да ги дислоцира мониторинг станиците Карпош и Центар и да ги постави на две избрани локации. Една мониторинг станица беше поставена во дворот на училиштето „Браќа Миладиновци“ во с. Миладиновци, а другата во с. Мршевци. Овие две локации беа избрани согласно одредената ружа на ветрови од страна на Управата за хидрометеоролошки работи.
Воедно, со преселбата на двете мониторинг станици од Карпош IV и Центар се остави празнина во идентификувањето на квалитетот на амбиентниот воздух особено во западниот дел од Скопје.
2011 година
Во рамките на проектот на набавка EU IPA TAIB 2008, од ИПА 2008 програмата во вредност од 329.000,00 Евра, се набавија две автоматски мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух кои се поставија во Центар (на раскрсницата помеѓу улиците Водњанска и Васил Ѓоргов) и во Карпош (во Основното училиште Петар Поп Арсов).
Со истиот проект се изврши набавка на нов интегриран систем за раководење со квалитет на воздух, Airviro, во вредност од 131.000,00 Евра, со кој се изврши подобрување на начинот на прибирање на податоците од извршените мерења од Автоматските мониторинг станици, се овозможи прелиминарна автоматска валидација на податоците, алатки за моделирање, емисиона база на податоци, изработка на дневни, месечни и годишни извештаи. Воедно се изработи и развива web портал на кој се објавуваат on-line податоците од извршените мерења. Линкот до web порталот е следниот: www.air.moepp.gov.mk.
Покрај податоците за квалитет на воздух во реално време, на web порталот континуирано се објавуваат и надминувањата на граничните вредности, законската легислатива, дневните, месечните и годишните извештаи, планските документи за воздух, како и новостите.
2017 година
Преку проектот за набавка на опрема финансиран од ЕУ IPA TAIB 2012 – 2013, во 2017 година МЖСПП доби ново сервисно возило и нова мерна опрема со која се изврши замена на дел од инструментите од три мониторинг станици во Тетово, Куманово и Битола 2. Во рамките на овој Проект набавена е и мобилна станица која беше поставена во Општина Бутел од февруари 2018 до Јуни 2019 а од Јуни 2019 е поставена во Општина Ѓорче Петров.
2018 година
На почетокот од 2018 година Автоматските мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух од с. Мршевци и Велес 1 УЗУС, со оглед на тоа дека од моментот на нивната поставеност настанаа значајни промени во доминантните извори на загадување (престанок на работата на рафинеријата ОКТА и на Велешката топилница) и со оглед на фактот дека во близината на ОКТА останува во функција мониторинг станицата поставена во с. Миладиновци и во Велес останува во функција мониторинг станицата Велес 2, истите беа дислоцирани и поставени во Општина Гостивар и во Општина Струмица, со цел да се изврши оценка на квалитетот на воздухот и да се дооформи мониторинг системот.
2019 година
Во Август 2019 година се изврши замена на еден PM10 мерен инструмент со нов и истиот се инсталираше во Гази Баба, а до крајот на 2019 година се изврши замена на уште 5 мерни инструменти за PM10 и истите се инсталирани во Гостивар, Кичево, Лисиче, Велес и Кавадарци.
2020 година
Во 2020 година од буџет на МЖСПП беа заменети 7 инструменти за О₃ инсталирани во Лисиче, Гази Баба, Ректорат, Кочани, Кавадарци, Кичево и Гостивар; 7 инструменти за SO₂ инсталирани во Гази Баба, Куманово, Битола 2, Кавадарци, Кичево и Гостивар; 7 инструменти за СО инсталирани во Ректорат, Куманово, Битола 2, Кавадарци, Кичево и Гостивар и 2 инструменти за РМ2,5 инсталирани во Лисиче и Гази Баба. Со финасиски средства од IPA програмата за соработка помеѓу Македонија и Република Грција за беше набавена нова станица поставена во Гевгелија и заменети сите инструменти со нови во мониторинг станицата Битола 1.
2021 година
Во 2021 од буџетот на МЖСПП беа набавени 2 нови мониторинг станици поставени во Прилеп и Берово. Исто така беа набавени и нови инструменти и тоа еден инструмент за О₃ инсталиран во Велес 2, 4 инструменти за SO₂ инсталиран во Миладиновци, Кочани, Струмица и Велес 2; 3 инструменти за СО инсталирани во Миладиновци, Кочани и Струмица.
Во 2021 година, во рамките на проект финансиран од Шведска, беа исто така набавени нови инструменти и тоа 8 инструменти за NOx инсталирани во Ректорат, Миладиновци, Кочани, Струмица, Велес 2, Кавадарци, Гостивар и Кичево; 2 инструменти за О₃ инсталирани во Миладиновци и Струмица; 4 инструменти за РМ10 инсталирани во Ректорат, Миладиновци, Кочани и Струмица и 8 инструменти за PM2.5 инсталирани во Ректорат, Миладиновци, Кочани, Струмица, Велес 2, Кавадарци, Гостивар и Кичево.
2022 година
Во 2022 година од буџет на МЖСПП беше набавена 1 нова мониторинг станица и истата се постави во Охрид.
2024 година
Во 2024 година преку IPA 2 програмата беа набавени 27 нови автоматски мерни инструменти за следење на концентрациите на O₃, NO/NO₂/NOx, SO₂, CO, PM10 и PM2.5, понатаму 2 ниско волуменски секвенцијални семплери за следење на концентрациите на PM10/ PM2.5/ PM1, заедно со 1 високо волуменски секвенцијален семплер за следење на концентрациите на PM10/ PM2.5, како и 7 сета на метеоролошки сензори.
Со оваа набавка беше извршена замена на сите мерни инструменти од автоматските мониторинг станици Центар, Карпош и Лазарополе, со тоа што на мерното место Лазарополе се инсталираше дополнителен автоматски мерен инструмент за следење на PM2.5. На мерното место Лисиче се изврши замена на автоматските мерни инструменти за следење на CO и NO/ NO₂/ NOx, на мерното место Гази Баба се изврши замена на автоматскиот мерен инструмент за следење на NO/ NO₂/ NOx, додека на мерното место Велес се изврши замена на автоматскиот мерен инструмент за следење на CO. Истовремено со оваа набавка се обезбеди еден резервен сет од автоматски мерни инструменти за следење на секој од загадувачките параметри.
2025 година
Во 2025 година од буџет на МЖСПП беше набавена 1 нова мониторинг станица и истата се постави во Штип.
Преку IPA 3 проектот „ЕУ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ“ во соработка со УНОПС беа набавени Автоматски мерни инструменти за континуирано следење на Бензен (BTEX), инсталирани во Центар, Карпош и Тетово, Inductively Coupled Plasma–Mass Spectrometry (ICP MS), наменет за одредување на концентрациите на тешки метали во воздухот и Микроаналитичка вага за мерење на филтри со читливост од минимум 1 микрограм со компатибилен антистатички јонизатор.