Дисперзионите модели за квалитет на воздух претставуваат математички алатки што овозможуваат проценка на влијанието на поединечни извори на емисии или групи на извори врз квалитетот на воздухот. Со нивна помош може да се предвиди како ќе се менува квалитетот на воздухот како резултат на промени во емисиите – на пример, зголемување на обемот на сообраќај, воведување на мерки за контрола на емисии или примена на нови технологии.
Овие модели се особено корисни за надополнување на податоците од автоматските мониторинг станици за квалитет на воздух, бидејќи нивната просторна покриеност често е ограничена.
Во согласност со законодавството на Европската унија, користењето на дисперзионите модели претставува стандарден метод за процена на квалитетот на воздухот, вклучувајќи и анализа на идни сценарија и изработка на стратегии за намалување на емисиите.
Со користење на локални дисперзиони модели во склоп на Твининг проект за квалитет на воздух, Министерството подготви Студија за моделирање на влијанието на емисиите од точкасти извори и сообраќај врз квалитетот на воздухот на територијата на град Скопје.
Во студијата се направи проценка на влијанието врз квалитетот на воздухот на територијата на градот Скопје од главните извори на емисија. Иако влезните податоци кои се користени во оваа студија вклучуваат одреден степен на несигурност, сепак оваа студија даде важни информации за нивоата на квалитет на воздух во различните делови од Скопје.
Според пресметките се донесе заклучок дека сообраќајот во Скопје најмногу придонесува за зголемување на концентрациите на NO₂, при што највисоките концентрации се појавуваат по должината на главните патишта и главни крстосници. Додека стационарните извори намногу придонесуваат во концентрациите на SO₂.
Според резултатите од моделирањето, граничните вредности и критичните нивоа ни во еден случај не се надминати. Сепак, измерените концентрации во Скопје се повисоки од моделираните концентрации на SO₂, што покажува дека при моделирањето не се земени во предвид целокупните емисии на територијата на градот Скопје.
Резултатите од моделирањето вклучуваат одредена несигурност што се должи на неверодостојноста на користените метеоролошки податоци и ограничената достапност на добри и квалитетни влезни податоци за емисии од стационарни и мобилни извори на загадување.