Азотни оксиди NOx

Азотни оксиди
NO се создава со реакција меѓу N2 и O2 на висока температура. Оваа реакција се случува во инсталации за производство на електрична енергија, со согорување на фосилни горива во печките. Сепак, главен извор на NO се издувните пареи од моторите на автомобилите.

При доволно висока концентрација, NO може да реагира со хемоглобинот во крвта и да ја попречи неговата способност за транспорт на кислород, слично на CO. Сепак, толку висока концентрација на NO ретко може да се достигне во загадениот воздух. Главната улога на NO како загадувачка супстанција е во неговото учество во разни реакции кои произведуваат неколку други загадувачки супстанции.

NO2 е кафеаво-црвеникав, може да се види во загадениот воздух во поголемите урбани центри, и е високо реактивен гас кој се формира со оксидирање на азот моноксидот (NO). Високите концентрации на оваа загадувачка супстанција имаат остар мирис, додека ниските концентрации имаат мирис сличен на водородот. NO2 се создава во текот на процесот на согорување, и при светлина, со фотохемиска реакција, NO се претвора во NO2.

Азотните оксиди и нивните продукти се јавуваат како резултат на природни влијанија или човечки активности. Природните извори на NOx се молњите, како и биолошките и абиолошките процеси во почвата. Најголемите антропогени извори на NO2 се процесите на согорување при високи температури (како оние што се случуваат во автомобилите), согорување на јаглен, нафта и дизел, домашните ложишта и согорувањето на отпад.

Високи нивоа на азотните оксиди може да имаат негативен ефект врз вегетацијата како оштетување на листовите и намалено растење. Таложење на загадувачите добиени од емисија на азотните оксиди предизвикуваат ацидификација и/или еутрофикација што доведува до губење на биодивезитетот дури и на места кој што се далеку од оригиналната емисија. Азотните оксиди можат да доведат до формирање на О3 и NO2 и може да реагираат со други супстанци во атмосферата при што се формираат кисели продукти кои дисперзираат во врнежите (таканаречени кисели дождови), маглата, снегот или во цврстите честички. Овие кисели дождови можат да влијаат штетно на популацијата на рибите и шумските почви, ја забрзуваат корозијата на металите и градежните материјали. Од друга страна пак азотните оксиди предизвикуваат еутрофикација односно нарушување на функциите на екосистемите, ацидификација на површинските и подземните води.
Емисиите на оваа загадувачка супстанца од сообраќајот можат да се забележат на следниот графикон на кој е прижана 24 часовната дистрибуција на NO2 од автоматските мониторинг станици. Имено, можат да се забележи дека од грачичкиот приказ на измерените концентрации се добиваат криви со два пика, и тоа, едниот пик се јавува во утринските часови, при 
почетокот на работното време, а вториот пик се јавува во попладневните часови, при крајот на работното време, кога и фреквенцијата на сообраќајот е најголема.