Општо

Моделирање

Дисперзионите модели за квалитет на воздух се користат за обезбедување на информација за влијанието на индивидуални извори на емисија, или група на извори на емисија, врз квалитетот на воздухот и за предвидување на квалитетот на воздухот како резултат на промената на емисиите. На пример: зголемување на обемот на сообраќајот, воведување на мерки за контрола на емисии итн.

Дисперзионите модели можат да се користат како извор на дополнување на податоците кои се добиваат од мониторинг станиците за квалитет на воздух од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух, затоа што често просторната покриеност на информациите за квалитетот на воздухот кои доаѓаат од мониторинг системите е ограничена.

Дисперзионото моделирање, исто така е значајна алатка која се користи за поддржување на плановите и програмите за подобрување на квалитетот на воздухот.

Дисперзионото моделирање на квалитетот на воздухот претставува математичка проценка на влијанието на загадувачките супстанции во атмосферата на одредена територија. Постојат неколку фактори кои директно влијаат врз преносот на загадувачките супстанции во атмосферата меѓу кои: метеоролошките услови, конфигурацијата на теренот, карактеристиките на испуштените емисии, околниот терен итн.

Дисперзионите модели за квалитет на воздух се единствениот метод со кој се пресметува односот помеѓу емисиите и концентрациите, вклучувајќи ги последиците од идните сценарија и одредувањето на стратегиите за редукција на емисиите. Според законската регулатива на ЕУ дисперзионите модели можат да се користат за:

  • Правење проценка на квалитетот на воздухот во региони каде има ограничен мониторинг на квалитетот на воздухот
  • Поддршка во развојот на посебни мерки за намалување на лошиот квалитет на воздухот
  • Одредување на бројот на мониторинг станиците за квалитет на воздух