Озон O3

Озон O3
Озонот настанува по природен пат во повисоките слоеви на атмосферата. Озонскиот слој е со дебелина од 20км и се наоѓа на висина од 25-30 км. Во овој дел концентрацијата на озонот е многу висока од останатиот дел на атмосферата. Озонот го апсорбира штетното UV зрачење од сонцето и на тој начин озонскиот слој го штити животот на земјата. Ултравиолетовото зрачење, невидливо за човекот, влијае врз живите суштества. Дополнително, зрачењето со бранова должина од 230 до 290 nm, кое се нарекува UV–зрачење, предизвикува изгореници, и исто така може да предизвика оштетување на очите и рак на кожата; ова зрачење е делумно апсорбирано од озонот. Според тоа, вкупната количина на UV зрачењето, која достигнува до површината на земјата е условно зависна од концентрацијата на O3(g) во озонскиот слој. Затоа општеството треба да се соочи со предизвикот за одржување на соодветна концентрација на озон во озонскиот слој. Сепак, приземниот озон O3 кој се формира со фотохемиски реакции кои вклучуваат NOX и VOCs во присуство на сончева светлина може да предизвика штетни ефекти кај луѓето и животната средина.

Овие фотохемиски реакции вообичаено се случуваат во текот на топлите летни месеци, бидејќи ултравиолетовата радијација од сонцето иницира последователни фотохемиски реакции. Озонот исто така е клучен составен дел на урбаниот смог.

Главните извори на NOX и VOCs се излезните гасови од моторите, емисиите од индустриските постројки, пареите од бензен, хемиските растворувачи и биогенетски емисии од природни извори. Приземниот озон O3 cисто така, може да биде пренесен на поголема далечина при соодветни метеоролошки услови.

Дури и руралните подрачја се подложни на зголемени нивоа на озон, бидејќи ветерот ги носи озонот и загадувачките супстанци на стотици километри од изворите во коишто се создаваат. Исто така, органските соединенија испуштени од шумските области, влијааат на формирањето на озонот. Сепак, на неговата содржина влијаат и текот на денот (интезитет на сончева радијација) и годишните времиња. Влијанието на текот на денот врз концентрацијата на озонот може да се забележи на следниот графикон. Имено, може да се воочи дека највисоките концентрации на озон се јавуваат во пладневните часови (13-15h), кога се јавува и највисока сончева радијација.

Највисоки концентрации на оваа загадувачка супстанца, исто така, се забележуваат во пролет и лето, додека најниски концентрации се забележуваат во текот на зимскиот период, како што може да се забележи и од следниот графикон. Влијанието на органските соединенија испуштени од шумските области врз формирањето на озонот може да се забележи од податоците за концентрациите на озон, измерени во руралната станица Лазорополе, во летниот период, кои се многу повисоки од концентрациите измерени во останатите станици.

Во однос на животната средина оваа загадувачка супстанца предизвикува негативни ефекти врз растот и репродукцијата на растенијата, го намалува земјоделскиот принос, влијае на екосистемите преку промени во движењата на водата, циклусите на минералите/нутриентите и живеалиштата и предизвикува дезинтеграција на органските материјали.