Проекти

Твининг проектот “Подобрување на квалитетот на воздухот” беше првиот твининг проект од областа на животната средина во Република Македонија. Во овој проект твининг партнер беше Финска претставувана од Финскиот метеоролошки институт (FMI), а јуниор партнер беше Австрија претставувана од Агенцијата за животна средина на Австрија (Umweltbundesamt). Проектот траеше 18 месеци. Започна на 01.09.2006 година а заврши на 15.05.2008 година. Целта на проектот беше да се подобри квалитетот на воздухот во земјата. Активностите се одвиваа во рамките на пет компоненти: 1-Упатства и второстепено законодавство, 2-Инвентари на емисии, 3-Прелиминарна оценка на животната средина, 4-Мерења на квалитетот на воздухот и лабораториска работа, и 5-Дисперзионо моделирање. Сите задолжителни резултати зададени за проектот беа постигнати. Документација и извештаи за проектот може да се превземата на следната веб страница

Подобрување на квалитетот на воздухот

Твининг проект „Зајакнување на капацитетите на централно и локално ниво во управувањето со животната средина во областа на квалитетот на воздухот“. Вториот твининг проект „Зајакнување на капацитетите на централно и локално ниво во управувањето со животната средина во областа на квалитетот на воздухот“ имаше за цел да ја зајакне администрацијата во областа на квалитетот на воздух.Овој проект ја градеше својата основа на достигнувањата на претходно споменатиот твининг проект. Проектот заеднички се спроведуваше од Финскиот метеоролошки институт, Агенцијата за животна средина на Австрија и Министерството за животна средина, копно и море на Италија. Главната организација корисник беше Министерството за животна средина и просторно планирање. Проектот траеше 24 месеци (септември 2010 година – октомври 2012 година) со буџет од 1 милион евра. Проектот се состоеше од 3 компоненти: 1- Развој на законодавство, 2- Зајакнување на административните капацитети за имплементација на законодавството за квалитет на амбиентниот воздух и 3- Зајакнување на административните капацитети за мерење, мониторинг и известување од областа на квалитет на воздух. Сите задолжителни резултати зададени за проектот беа постигнати. Документацијата и извештаите изготвени од проектот може да се превземат од следната веб страница:

Твининг проект – Зајакнување на капацитетите на централно и локално ниво во управувањето со животната средина во областа на квалитетот на воздухот

Проектот “Имплементација и ратификација на Протоколот за тешки метали, Протоколот за POPs, и Гутенбуршки протокол” имаше за цел да им помогне на земјите од Западен Балкан преку подготовка на акциони планови да ги ратификуваат наведените протоколи и да имплементираат дел од нивните барања.

Проектот беше координиран од страна на UNECE, а за секоја од земјите беа обезбедени средства од страна на Кралството Холандија. Проектот се спроведуваше во период од 16.10.2009 до 05.09.2012 година, а активностите се одвиваа во две фази и тоа прва (елаборациона) и втора (имплементациона) фаза. Треба да се напомене дека единствено, Република Македонија од сите земји учеснички, успеа да ги реализира сите предвидени актвиности во рамките на двете фази од проектот.

Во првата фаза од проектот беше подготвен Национален акционен план за ратификација и имлементација на Протоколот за тешки метали, Протоколот за POPs, и Гутенбуршки протокол.

Во втората фаза од проектот беа донесени Законите за ратификација на протоколите (Службен весник на Република Македонија 135/2010) и беа подготвени Национална програма за редукција на емисии, Извештај за инвентаризација зa 2010 година, CORINAIR инвентар со податоци за тешки метали (прочитајте повеќе на страницата Инвентари) , мерења на тешки метали, Национален план за заштита на воздух, финален извештај за проектот.